Беровско езеро и бачило Клепало
Ако сакате да избегате од секојдневните рутини и градскиот метеж, едно од идеалните места во Македонија е Беровското езеро. На само шест километри од Берово, со езерска површина од 0,57 км² лоцирано е ова ремек дело креирано од природата. Браната со која е создадено езерото е изградена во 1970 година, со височина од 60 м, што ја прави една од најголемите речни брани во Македонија.
Поради релативно високата надморска висина од 1000 метри, пределот има доста пријатна клима, која го прави местото одлично прибежиште во летниот период од годината. Бреговите на езерото изобилуваат со бујна шума борова и листопадна шума, а на рамнините се протегаат терени со разнобојни цвеќиња, шумски плодови и разни чаеви.
На 15 километри пак од Берово, на надморска височина од 1350 метри, се наоѓа најпознатото бачило на Балканот, Клепало. Насекаде до каде што допира погледот во оваа месност, можат да се видат само густи шумски предели и широки ливади, украсени со многу полско цвеќе. На бачилото домаќините имаат уредено голема просторија со неколку маси и педесетина столчиња, сите направени од дрво, послани со рачно исплетени чаршафи. На менито пак на Клепало, најпознати специјалитети се зелникот печен во шпорет на дрва, во големи тави доволни да нахранат 11 гости, матеницата, сирењето, кашкавалот, соковите од капина, малина, боровинка, рибизла и сè друго што расте во планината, планински малешевски компир, домати, морков, зелка, краставици. По желба на посетителите се печат и секакви месни специјалитети.
GPS координати: 41°40’28.98”N 22°53’51.51”E