Хотел Гогов

Занимливости

Билки и чаеви

Бела Ајдучка трева

Билката, цветот со листовите, се собира за време на нејзиното цветање, во период од мај до септември. Често се наидува на оваа билка за време на прошетките по ливадите во околината на Пехчево. Оваа билка е корисна за надворешна и внатрешна употреба. Помага во зараснување на рани, бронхијална астма, воспаление на слузница, при различни иритации на кожата, како и помага во подобрување на апетитот. Најдобро се употребува свежа, сушена или складирана во стаклен сад со масло.

Жолта Ајдучка трева

Во фитотерапијата нема официјална употреба. Народот ја користи за некои заболувања, но без докажани лековити својства и ефекти.

Црвен кантарион

Црвениот кантарион е едногодишно или двегодишно растение, високо 20-40 центиметри. Растението е исправено и слабо разгрането стебло, со ситни розови или бели цветови собрани на врвот на билката. Црвениот кантарион расте на суви и влажни места, во шуми, ливади, пасишта и други места. За лек се собира надземниот дел кој има горчлив вкус, но како и кај другите горчливи билки има аперитивно дејство за лекување на желудникот, цревата и жолчката. Го подобрува апетитот и функцијата на жолчката, црниот дроб, ја подобрува крвната слика и создава одбранбена моќ на организмот.

Диво нане

Дивите врсти на нане (Mentha arvensis и други), како и питомите, се користат за подготвување вкусен и здрав чај, кој помага при многу заболувања. Чајот од дивото нане е корисен при главоболка, стомачни тегоби, несоница, општа слабост и малаксаност, настинка и кашлица. Во народната медицина дивото нане се покажало како природен лек при: стомачни заболувања, заболувања на дишните патишта, нервоза, болести на жолчните патишта, цревни заболувања, болести на црниот дроб итн. Дивото нане во исхраната може да се употребува и како зачин и често се додава во многу јадења, бидејќи го подобрува варењето на храната.

Жолт кантарион

Жолтиот кантарион е многугодишна билка со жолти цветови собрани на врвните делови. За терапија се користат надземниот дел на билката и цветовите. Цвета цело лето, а се бере од јуни до август. Се користи при лекување депресија и мигрена, гастрит, кожни рани и настинки.

Мајчина душица

Мајчината душица е многугодишно растение со виолетово-црвени цветови. Цвета во јуни и во јули, а понекогаш и до септември. Се користат расцветаните делови, кои треба да се отсечат без да се оштетува долниот здрвенет дел на билката. На мајчината душица и треба многу сонце и топлина и затоа се среќава на суви каменести места и планински пасишта, каде што има топла почва. Мајчината душица има антивоспалително, антимикробно дејство, и се користи при лечење на воспаленија на дишните патишта и белите дробови.

Маточина

Чајот од маточина преставува вистински избор за надминување на стресните ситуации, ослободување од депресија, нередовните циклуси, како и главоболката која е предизвикана од нервоза или стрес. Освен тоа, овој чај го подобрува и помнењето, го зајакнува и го закрепнува срцето, делува антибактериски и помага при зацелување на кожните рани.

Планински чај

Планинскиот чај е едногодишно растение која често се среќава во нашата земја. Претежно расте на повисока надморска висина во суви предели и песокливи почви. Цвета од крајот на мај до август во зависност од надморската височина. Најмногу го има на високите планински пасишта, најчесто над 1500 метри надморска височина. Се употребува како лек против грип, настинки, воспаленија, бактерии и зајакнување на имунолошкиот систем.